Потпишан договор за изградба на фотонапонската електрана „Осломеј“

Bez autora
Dec 01 2019

Вицепремиерот за економски прашања, Кочо Анѓушев, и министерот за економија, Крешник Бектеши, присуствуваа на потпишувањето на договорот за изградба на фотоволтаичната електрана „Осломеј“ со инсталирана моќност од 10 мегавати. На тендерот беше избрана компанијата „Гиришим електрик“ од Турција.



Вицепремиерот Анѓушев, обраќајќи се на настанот, потенцира дека ова е почеток и еден добар пример на енергетска транзиција, односно пренамена на производни капацитети на електрична енергија од фосилни горива, кои се на крајот на својот животен век, во енергетски капацитет кој произведува електрична енергија од обновлиив извори, поконкретно во овој случај, изградба на фотоволтаична централа.

Министерот Бектеши истакна дека во изминатите две години е создадена сосема нова енергетската политика во Северна Македонија.

„Термоелектраната ‘Осломеј’ не работеше со години и сега ние токму во полето каде што се експлоатира јагленот, почнуваме со инвестиции што ќе бидат не само во интерес на енергетскиот сектор на нашата држава туку ќе бидат и во интерес на сите граѓани што живеат во општина Кичево и околината. Од еден загадувачки капацитет преку АД ЕСМ, државата сега гради капацитети што ќе произведува чиста енергија. Капацитети кои се современи со најнова технологија и ние како Министерство за економија токму во таа насока ќе работиме и понатаму. И задоволство ми е да кажам дека следната есен ќе имаме нов капацитет кој обезбедува енергија за 2.000 домаќинства во Кичево“, нагласи министерот Бектеши.

Директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски, информира дека на меѓународниот тендер се пријавиле 17 компании кои покажале интерес да го градат објектот. На крајот, според сите параметри што биле пропишани во јавната набавка, и комерцијалните и техничките, се покажало дека најдобриот понудувач е компанијата „Гиришим електрик“ од Турција, која и беше избрана и со која е потпишан договор за градба.

„Од овој момент натаму економскиот оператор кој е избран ги презема работите и сите обврски за проектот и ние очекуваме во согласност со договорот електраната да биде готова за 10 месеци и да почне да ги произведува првите киловати електрична енергија од сонце наесен 2020 година. Сакам да упатам благодарност и до Европската банка за обнова и развој, со чија помош го спроведуваме проектот, односно од вкупната сума од 6,9 милиони евра, 5,9 милиони евра се заем земен од ЕБРД, а 1 милион евра се наши средства, односно средства на АД ЕСМ“, рече Ковачевски.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik