Поголемите компании ќе може да добијат до 30.000 евра

Bez autora
Mar 19 2020

Владата подготиви првични пакет-мерки за најзагрозените сектори, како туризмот, угостителството и транспортот, со цел полесно справување со последиците од настанатата состојба поради коронавирусот.

„Многу бргу на бизнисот ќе му биде на располагање директна финансиска поддршка од 5,7 милиони преку Развојната банка на Република Северна Македонија. Она што овде важно е дека овие кредити се бескаматни, со каматна стапка од 0 проценти. Грејс-периодот на овие кредити ќе биде 6 месеци, а рокот на отплата 2 години“, информираат од владината прес-служба.

Секоја компанија, во зависност од бројот на вработени, ќе може да добие од 3 илјади до 30 илјади евра.

„Микрокомпаниите, до 10 вработени, ќе може да подигнат кредит од 3 до 5 илјади евра, малите компании со 10 до 50 вработени, ќе може да подигнат кредит од 10 до 15 илјади евра и средните компании со 50 до 250 вработени, ќе може да подигнат кредит од 15 до 30 илјади евра“, се наведува во владиното соопштение.

Втората мерка се однесува на поддршка за компаниите во делот на исплатата на плати.

„Субвенционирање придонеси за вработените во компании од секторите туризам, транспорт, угостителство и други погодени компании за април, мај и јуни 2020 година, со субвенција на придонеси за вработен во висина до 50 отсто од просечната плата исплатена во 2019 година. Субвенцијата ќе може да се искористи под услов компанијата да не го намали бројот на вработените под бројот на вработени во февруари годинава и ова да важи од денот на користење на мерката. Исто така, услов е компанијата да не исплати дивиденда во текот на 2020 година до денот на поднесувањето годишна сметка, односно финансиски извештаи за 2020 година, и компанијата да нема исплатено награда-бонус по влегувањето на мерката во сила. Само компаниите што имаат остварено добивка како финансиски резултат од работењето во 2020 ќе вратат субвенции за придонес во износ од 50 отсто од добивката пред даночењето, што значи дека мерката директно е насочена да им помогне на компаниите што оствариле послаби финансиски резултати во 2020 поради коронавирусот“, се објаснува во соопштението.

Намалувањето на основната каматна стапка на Народната банка на ниво од 1,75 отсто треба да придонесе за натамошно намалување на цената на финансирање на претпријатијата и населението.

Исто така, советот на Народната банка подготви предлог-одлука за управување со кредитниот ризик, чија цел е олеснување на условите за реструктурирање на кредитите на најпогодените сектори.

„Тековно се прават консултации со банките и очекуваме набргу да биде донесена од советот на Народната банка“, велат од Владата.

Ликвидноста на компаниите треба да го помогне и ослободувањето од аконтациите од данок на добивка за фирмите од индустриите погодени од кризата со коронавирусот за април, мај и јуни.

„Во вакво време чесно е државата да се откаже од претплаќање дел од данокот од погодените компании. Тука најпрвин спаѓаат транспортот, туризмот, угостителството, а потоа и другите погодени компании од разни дејности погодени од превентивните мерки на Владата како одговор на справувањето со вирусот“, се нагласува во соопштението.

Законски затезната камата ќе биде намалена 50 отсто во соработка со Министерството за правда, а се намалува и казнената камата за јавни давачки од 0,03 на 0,015 отсто, односно 50 отсто.

На провајдерите за одржување на фискалните каси им се препорачува намалување на цените за одржување 50 отсто.

Покрај ова, со Фондот за туризам, кој во моментот се проценува на вкупно 74 милиони денари, ќе се обесштети туристичкото стопанство да ја преброди кризата во согласност со бројот на вработени во фирмите.

Ocenite tekst
Komentari
Prikaži više 
 Prikaži manje
Ostavite komentar

Prijavite se na Vaš nalog


Zaboravili ste lozinku?

Nov korisnik