
Во Тутунскиот комбинат Прилеп започна откупот на тутунот од годинашната реколта. Отворени се 34 откупни пунктови со 37 ваги.
Во откупниот пункт во градот преземени се незначителни количества тутун. Динамиката на откупот, вели директорот Александар Алексовски, ќе се зголемува во наредните денови.
– Се надевам дека тутунарите ќе бидат задоволни од проценката и од исплатата на тутунот што ќе се врши двапати неделно. Тутунски комбинат е подготвен да исплати разлика на цена доколку се зголемат откупните цени во однос на постоечките – рече Алексовски.
Тутунарите велат дека квалитетот на тутунот е добар и очекуваат повисока цена.
– Имам произведен 1400 килограми тутун, кој е доста квалитетен. Сушен добро, наводнуван со систем капка по капка. Треба да е повисока цената на тутунот, барем околу 600 денари. Тоа што е убаво да оди по класа, а тоа што не чини се гледа. Повеќе произведувме од лани. Се надеваме дека ќе се зголеми цената – вели Благој Ицевски од Прилеп.
Од Сојузот на тутунарите велат дека до понеделник со откуп ќе започнат сите откупни претпријатија, вкупно десет.
-На почетокот сме задоволни од стартот. Проценката е во прва класа. Квалитетот е добар. Имаме најави дека до понеделник ќе започнат со откуп и другите откупни компании вкупно десет. Бараме и ќе бараме зголемување на цените – вели Киро Ристески од Сојузот.